Научи танго!

Пријави се за бесплатни часови! Не ти е потребен партнер/ка – понеси само добра волја и желба да научиш нешто. Пиши ни маил на tango.mkd@gmail.com
кликни за повеќе...

Friday, July 4, 2014

Kонфузијата околу стиловите

Аргентинците знаат дека во основа постојат само два стила на танго. Тука е поекстравагантната верзија која ја користат изведувачите и ја викаат “танго есценарио“ или “танго фантазија“ (сценско танго) како и друштвеното танго кое се танцува на милонги и се вика “танго салон“ (танго за игранки). Многу е едноставно и логично. Сепак, со текот на времето настанува забуна околу стиловите.

 До скоро речиси без исклучок се предаваше само сценско танго. Го предаваа професионални танчари кои слободното време помеѓу изведбите го користеа за да даваат часови. Подоцна, во 1990-те се случи експанзија на тангото и луѓето во Аргентина започнаа повторно да ги откриваат милонгите – за жал, до тогаш можноста да се учи танго на традиционален начин беше речиси целосно исчезната. Друштвеното танго беше западнато во состојба на хибернација и во претходните 35 години тангото постоеше најчесто во облик на пренагласени улични перфоманси и сценски спектакли наменети за туристи. Стариот начин на постепено и спонтано учење на танцот беше речиси замрен. Едноставно немаше останато доволно луѓе кои би ја продолжиле традицијата на играње танго на маалските улици, танцување во клубови и вежбање во домашни услови со членовите на семејството. Од овие причини, се појавија поединци кои решија да пробаат нешто ново и започнаа да даваат часови по друштвено танго за танцување на милонги.

Нивните часови се засноваа на учење како да се реагира на каденциите во музиката и да се постигне блиска поврзаност со партнерот и мазно и непречено движење на преполн подиум. Ваквите теми ја начнуваа само површината на танцот, но затоа пак, солидно ги покриваа основните техники. Поради фактот што овие часови беа многу различни од драматичните фигури и сложени кореографии кои ги предаваа изведувачите, новите учители бараа начин за да направат јасна дистинкција меѓу нивното друштвено танго и часовите кои веќе постоеја. Проблемот беше во тоа што голем дел од изведувачите веќе го користеа називот „танго салон“ за да ги рекламираат нивните часови - затоа некои од новите инструктори решија нивните часови да ги наречат „танго милонгеро“. Едноставно го заменија зборот „салон“ со „милонгеро“. „Танго салон“ значи танго за друштвено танцување во сала (што подразбира милонга), а „танго милонгеро“ подразбира танго кое се игра на милонга. Технички, и двата називи се однесуваат на истото. Но заради тоа што учителите за сценско танго веќе го имале присвоено терминот „танго салон“, новите учители морале да смислат поинакво име.

Веројатно со ова започнува конфузијата, но важно е да се запомне дека „танго милонгеро“ не е некој посебен стил на танго кој го играат само старите милонгероси.

Танго милонгеро = танго за милонга = танго салон

Танго милонгеро ≠ посебен тип на танго кој го играат старите милонгероси

Старите милонгероси не играат поразлично од другите танчери во Буенос Аирес кои практикуваат друштвено танго. Тие се едноставно оние што имаат најдолг танцувачки стаж. Ова значи дека можеби играат подобро од повеќето, но сепак го играат истото ритмично, слеано танго како и сите останати кои го знаат правилниот начин за танцување на милонга.

 Проблемот е во тоа што многумина по грешка претпоствуваат дека танго милонгеро се однесува само на старите милонгероси.

 (извор: Tango and chaos)