Научи танго!

Пријави се за бесплатни часови! Не ти е потребен партнер/ка – понеси само добра волја и желба да научиш нешто. Пиши ни маил на tango.mkd@gmail.com
кликни за повеќе...

Wednesday, September 16, 2015

Прирачник за преживување во танго заедницата

Кога почнав да танцувам танго бев збунет. Немав класичен учител, а оние што ги имав ми даваа често контрадикторни совети и лекции.

Претпоставувам дека многу од почетниците се во слична ситуација. Затоа решив некои од моите искуства да ги формулирам во шесте најважни совети за преживување на скопската танго сцена.

Тангото не е стандаризиран танц. Не постои правилен начин, постои само начин што функционира и начин што не функционира за тебе.

Поентата е следна, кога танцуваш целта ти е да направиш твојот партнер/партнерка да ужива во танцот. Сè друго што правиш треба да ѝ служи на оваа цел.

Еве ги шесте работи за кои би требало да биде свесен секој што почнува да танцува, секој што почнува да учи танго.

1. Биди си самиот свој учител – Твојот лекар може да ти даде дијагноза и да ти препорача терапија, но од тебе зависи дали ќе се придржуваш на советите и што ќе преземеш да не се разболеш повторно. Слично е и со тангото: твојот учител може да ти каже што треба да поправиш во твоето танцување и да ти даде насока, но од тебе зависи колку од тоа ќе го примениш.

Понекогаш дури ниту твојот учител не може да ти каже што ти е потребно, затоа што најважните нешта во тангото не се гледаат однадвор. Да имаш ментор и да го следиш е одлично, но уште подобро е самиот да си бидеш сопствен ментор.

Како да самиот да станеш свој учител? Еве неколку препораки:

- Прашувај - Прашувај ги поискусните што мислат за твоето танцување, прашувај ги партнерите/партнерките (внимавај притоа да не претеруваш) и барај искрена конструктивна критика. Прашувај што е она што е најдобро во твоето танцување и како да го направиш уште подобро. Врз основа на ова дефинирај на што треба да работиш. Прашај го твојот учител како да го поправиш тоа.

- Читај – Тангото се случува најпрвин во главата. Правилниот мајнд-сет, правилното размислување за она што го правиш е оснава на сè. Затоа читај колку што можеш повеќе, гледај интервјуи, размислувај, споредувај, барај одговори на дилемите кои ги имаш.

- Гледај – Луѓето се миметички суштества – тоа значи дека најчесто учиме копирајќи го она што ќе го видиме. Затоа направи си колекција на омилените видеа и гледај ги повремено. Учи со копирање, постави се во улогата на своите идоли, прави го тоа што тие би го направиле, размислувај го тоа што тие би го размислувале.

2. Изгради сопствен стил – Кога танцуваш многу е важно да бидеш препознатлив. Размисли што е она по што сакаш да те запомнат оние со кои танцуваш? Дечкото што прекрасно танцува милонга, господинот што ме исполнува со позитивна енергија, девојката што има мека прегратка, госпоѓата што прави прекрасно хиро? Ти може да играш неверојатно добро, но да потонеш во сивилото на просечноста ако нема едно нешто по кое ќе те препознаваат.

Секако дека треба да знаеш да танцуваш на секоја музика и дека треба сите елементи да ги имаш за да бидеш комплетен, но потребен ти е само еден елемент за да бидеш препознатлив. Откако ќе го одбереш тоа што ти се допаѓа и за што имаш талент, фокусирај се да го усовршиш подобро од сите други кои танцуваат. На тој начин, секогаш сите ќе сакаат да танцуваат со тебе.

3. Давај несебично – Во тангото не можеш да скриеш ништо. Не познавам друга човечка активност во која станува толку очигледен секој детал на душата. Ако имаш стравови и фрустрации додека танцуваш тие излегуваат на површина; ако си добро расположен, тоа се гледа; ако имаш лош ден или си изморен, тоа не можеш да го скриеш од партнерот или партнерката.

Независно кој од горниве примери може да се каже за некого, едно нешто не би требало никогаш да се случува – да бидеш себичен. Што значи тоа?

Тангото е танц за двајца и тој може вистински да биде прекрасен само доколку тие двајца се поврзат еден со друг и танцуваат еден со друг. Доколку не се способни да го направат тоа, танцот ќе стане исто толку бесмислен како разговор на двајца кои не слушаат што им зборува другиот, туку мислат само на она што самите го кажуваат.

Значи, секогаш танцувај за партнерот/партнерката. Давај, помагај, направи сè што можеш за да го зголемиш неговото/нејзиното уживање. Тоа ќе ти се врати неколкупати зголемено.

Овде сакам да напоменам и еден спротивен случај, кога премногу мислиш на партнеорот или партнерката – така што си блокиран и не можеш да уживаш. Оној што не ужива, не може да даде уживање.

4. Хигиената е на прво место – Ова може да се смета за продолжение на претходната препорака. Оној кој не одвоил време да се истушира пред милонга, или да ги измие забите – и дошол да танцува така небањат и немиен, е себичен. Нема понатамошни коментари.

Денес постојат милион средства за лична хигиена и е апсолутно недозволиво да смрдиш на пот или на аромите од последниот оброк. Сум слушнал секакви изговори: „Идам директно од работа, немав време“, „Идам од кафана“, „На некои луѓе треба да им простиш, природно повеќе мирисаат“... Нема изговор кој е прифатлив.

Посебна категорија се пушачите кои онака зачадени и со мирис на пепељара доаѓаат да танцуваат.

5. Прифати ги луѓето такви какви што се – Речиси и да не постои танго заедница во која нема да најдете кланови, групи, фракции и други поделби. Луѓето се делат по секакви основи и многу често едни против други кажуваат секакви работи.

Познавам многумина што се откажале затоа што овие поделби им сметале – таквите очекувале од танго заедницата да биде идилично семејство чии членови се сакаат и постојано се дружат. Тоа е илузија. Како и кај секоја група на луѓе, постојат лични нетрпеливости, поранешни врски, идни врски, идеолошки разлики и што уште не.

Моја препорака е да научиш да чуваш извесна дистанца од овие работи и да не ги идеализираш премногу работите. Заведен од слаткото чувство на танцувањето многу е лесно да се занесеш и да претпоставиш дека се луѓето подобри отколку што навистина се. Тангото е таков феномен што им помага на скиените страсти во луѓето да излезат на површина, без разлика дали се тие добри или лоши.

Затоа остани близок со биските луѓе и воспостави фер комуникација со повеќето.

6. Патувај – Не можеш вистински да ја почувствуваш сета раскош на тангото без да патуваш. Ова посебно важи за танго заедници каква што е онаа во Скопје – мали и затворени во себе. Затоа секое искуство надвор, може да ти даде нов поттик и инспирација.

Дополнително, патувањата надвор може да ти помогнат да добиеш нова перспектива, ново сфаќање за тоа што е што во твојата домашна сцена. Танго патувањата не се секогаш многу скапи. Организаторите на разни настани ќе ти помогнат да поминеш што поевтино, а често помош можеш да очекуваш и од пријателите што си ги стекнал на разни настани.

Кои се твоите искуства? Што и како од она што ти си го диживеал/а досега може да им користи на другите?

автор: Ивица Антески

Friday, July 4, 2014

Kонфузијата околу стиловите

Аргентинците знаат дека во основа постојат само два стила на танго. Тука е поекстравагантната верзија која ја користат изведувачите и ја викаат “танго есценарио“ или “танго фантазија“ (сценско танго) како и друштвеното танго кое се танцува на милонги и се вика “танго салон“ (танго за игранки). Многу е едноставно и логично. Сепак, со текот на времето настанува забуна околу стиловите.

 До скоро речиси без исклучок се предаваше само сценско танго. Го предаваа професионални танчари кои слободното време помеѓу изведбите го користеа за да даваат часови. Подоцна, во 1990-те се случи експанзија на тангото и луѓето во Аргентина започнаа повторно да ги откриваат милонгите – за жал, до тогаш можноста да се учи танго на традиционален начин беше речиси целосно исчезната. Друштвеното танго беше западнато во состојба на хибернација и во претходните 35 години тангото постоеше најчесто во облик на пренагласени улични перфоманси и сценски спектакли наменети за туристи. Стариот начин на постепено и спонтано учење на танцот беше речиси замрен. Едноставно немаше останато доволно луѓе кои би ја продолжиле традицијата на играње танго на маалските улици, танцување во клубови и вежбање во домашни услови со членовите на семејството. Од овие причини, се појавија поединци кои решија да пробаат нешто ново и започнаа да даваат часови по друштвено танго за танцување на милонги.

Нивните часови се засноваа на учење како да се реагира на каденциите во музиката и да се постигне блиска поврзаност со партнерот и мазно и непречено движење на преполн подиум. Ваквите теми ја начнуваа само површината на танцот, но затоа пак, солидно ги покриваа основните техники. Поради фактот што овие часови беа многу различни од драматичните фигури и сложени кореографии кои ги предаваа изведувачите, новите учители бараа начин за да направат јасна дистинкција меѓу нивното друштвено танго и часовите кои веќе постоеја. Проблемот беше во тоа што голем дел од изведувачите веќе го користеа називот „танго салон“ за да ги рекламираат нивните часови - затоа некои од новите инструктори решија нивните часови да ги наречат „танго милонгеро“. Едноставно го заменија зборот „салон“ со „милонгеро“. „Танго салон“ значи танго за друштвено танцување во сала (што подразбира милонга), а „танго милонгеро“ подразбира танго кое се игра на милонга. Технички, и двата називи се однесуваат на истото. Но заради тоа што учителите за сценско танго веќе го имале присвоено терминот „танго салон“, новите учители морале да смислат поинакво име.

Веројатно со ова започнува конфузијата, но важно е да се запомне дека „танго милонгеро“ не е некој посебен стил на танго кој го играат само старите милонгероси.

Танго милонгеро = танго за милонга = танго салон

Танго милонгеро ≠ посебен тип на танго кој го играат старите милонгероси

Старите милонгероси не играат поразлично од другите танчери во Буенос Аирес кои практикуваат друштвено танго. Тие се едноставно оние што имаат најдолг танцувачки стаж. Ова значи дека можеби играат подобро од повеќето, но сепак го играат истото ритмично, слеано танго како и сите останати кои го знаат правилниот начин за танцување на милонга.

 Проблемот е во тоа што многумина по грешка претпоствуваат дека танго милонгеро се однесува само на старите милонгероси.

 (извор: Tango and chaos)

Friday, June 6, 2014

Приказната на тангото (1): Праисторија

танцот на имигрантите - андалузиско танго - африканска теорија - осамени мажи вежбаат танго - Куба и Шпанија, хабанера, милонга, кандомбе - величествениот момент да танцуваш со жена

Имигрантите во Аргентина веројатно со себе ги донеле и европските танци. Како и кога од нив почнало да еволуира тангото веројатно никогаш нема да дознаеме. Тоа е така затоа што тангото го создале луѓе кои по ништо не се интересни за историјата – сиромашните и обесправените. Често овој период на историјата мора да се потпре на забелешки што ги давале луѓе однадвор, оние кои за тангото знаеле многу малку или ништо.

Првото музичко дело кое себеси се опишува како танго е објавено во Аргентина во 1857 година. Се вика “Toma maté, ché”. Зборот танго во тоа време веројатно се однесувал на Андалузиско танго (tango andaluz), музички стил од област во Шпанија позната како дом на фламенкото.

Постојат повеќе теории за настанокот на зборот танго. Најпопуларна е онаа дека тој настанал во заедница на доселеници од Африка,

Friday, February 28, 2014

Возбудена хабанера

теоретски вовед за сфаќање на милонгата како музичка форма - врските на милонгата со хабанерата и кандомбето -  [1] 2 3 [4] [5] 6 [7] 8 - секоја шеста танда се милонги

ПОТЕКЛО И НАСТАНУВАЊЕ - Оригинално милонгата настанала во областа Рио дел плата во Аргентина и Уругвај. Нејзината популарност започнува во 1870-тите години, далеку пред да настане тангото (почетоците на тангото се во 1890-тите години) и е поврзана со музичката форма пажада (payada). Оваа музика, за која некои велат дека всушност е „возбудена хабанера“, има 2/4 живо темпо.

Многу истражувачи сметаат дека милонгата како музичка форма е тесно поврзана со кандомбе, танцот на црните робови во Јужна Америка.

Оригиналната хабанера е поделена во четири удари, стандардно во две четрвртинки каде што секој удар е изразен. Кога хабанерата се трансформирала во милонга темпото се удвоило, а силата на првиот удар ја намалила силата на четвртиот - што направило милонгата да зазвучи речиси како валс: еден-два-три(четири), еден-два-три(четири).

СПЕЦИФИКИ - Милонгата има синкопиран ритам од 8 удари со акцент на 1., (понекогаш и на 2.), 4., 5. и на 7. удар.

- регуларна две-четвртинска музика (2/4)
[1] 2 3 4 [5] 6 7 8

- милонга
[1] 2 3 [4] [5] 6 [7] 8, понекогаш и [1] [2] 3 [4] [5] 6 [7] 8

- 332
[1] 2 3 [4] 5 6 [7] 8

Интересно е дека легендарниот Франциско Канаро, композитор и лидер на оркестар, експериментирал со формата која самиот ја измислил - милонгон, но таа никогаш не била пошироко прифатена во танго заедницата.


ТАНЦОТ - Со текот на времето оваа музика се поврзала и со други музички форми, пред се преземајќи елементи од тангото.

Денес милонгата како музичка форма е присутна на секоја милонга (игранка). Вообичаеното правило е дека секоја шеста танда (група од песни) се милонги. Тандите составени од милонги речиси по правило содржат три песни, бидејќи повеќе од тоа би ги изморило танчерите, имајќи предвид дека станува збор за жива музика која бара поголем напор од танчерите.

извори:

Tuesday, July 23, 2013

7 совети за мажи

1. Танцувај за неа – мажот танцува за жената, а не обратно. Сè што правиш на милонгите – го правиш за нејзино задоволство. Твојата награда е нејзиното задоволство; нејзината насмевка; нејзиното исчекување да танцува со тебе. Es tango.

2. Прегратката е мерка – на нејзината прегратка гледајте како на мерка за твојот танц. Кога таа те прегрнува, ти дава нешто скапоцено, таа ти се дава себе си – и од тебе зависи што ќе одлучиш да направиш со тоа. Ако ја изневериш – ќе ја изгубиш нејзината доверба – и нејзината прегратка. Ако почувствуваш дека врската се прекинува, дека партнерката е нервозна, далечна, дека не се чувствува удобно во твоите раце – веројатно правиш нешто погрешно. Тоа е нејзиниот начин да ти каже дека танцуваш лошо, дека не танцуваш за неа.

Според моето искуство, има жени кои не можат да му се предадат на партнерот во танцот, кои не можат целосно да се поврзат со него. Мислам е дека тоа е така најмногу затоа што тие научиле да танцуваат само со „лоши“ партнери, и нивната прегратка обично е далечна и ладна. Тие танцуваат само со своето тело, но не и со срцето.

Saturday, July 20, 2013

Tango Milonguero Skopje introduced its Android App

Tango Milonguero Skopje offers its tango lovers yet another learning tool – the Android App is a brilliant opportunity to bring the traditional tango culture to all addicts of the marvelous Argentinian dance. The entire content can be found in both Macedonian and English.

The app consists of 5 sections:

1. The “About us” section introduces the TMS school; there is a link to the classes timetable which is being regularly updated by connecting the app to this blog, and there is also a contact information subsection which allows you to dial mobiles directly from the app.

2. The “Manuals” is an amazing tool in the pocket of every milonguero or milonguera – it consists of tango terminology, a subsection with lyrics of songs in Spanish and English, códigos (rules of behavior at a milonga), as well as two texts giving cabeceo advice for women and explanation on tango styles of dancing which may confuse.

3. The “Events” section refers to milongas and festivals in Skopje as well as to some significant tango events in the region and beyond.

4. The “Multimedia” section gives links to ‘Milonguero radio’ (local radio show in Skopje), playlists with tango music, videos and photos.

5. In the final section you can find some links of importance to Tango Milonguero Skopje.

The app is free to download from the following link (via mobile with Android 3.0 or above)

Thursday, July 18, 2013

Танго милонгеро Скопје ја објави својата Android Апликација

Танго милонгеро Скопје на љубителите на тангото им овозможи уште една алатка за учење - Android Апликацијата е одлична можност за приближување на традиционалната танго култура до сите зависници од прекрасниот аргентински танц. Сите содржини на апликацијата се на македонски и на англиски јазик.

Нашата апликација се состои од пет делови:

1. Во делот „За нас“ е претставена школата на ТМС, поставен е линк до распоредот на часови кој преку поврзување на апликацијата со блогов редовно се ажурира, а поставен е и дел со контакт информации - со можност да се врти на мобилниот телефон директно од апликацијата.

2. Прирачникот е извонредна алатка во џебот на секој милонгеро или милонгера - се состои од танго речник, дел со текстови од танго песни на шпански и на англиски, codigos (правила на однесување на милонга), како и два текста каде што се дадени совети за кабасео за жени и објаснување на забуната околу танго стиловите

3. Делот со настани се однесува на милонги и фестивали во Скопје, како и поважните танго настани во регионот и пошироко

4. Во мултимедијалниот дел се дадени линкови до Милонгеро радио, танго плејлисти со музика, видеа и фотографии

5. Во последниот дел може да се најдат поважните линкови поврзани со Танго милонгеро Скопје

Апликацијата може бесплатно да се даунлодира на следниов линк (преку вашиот мобилен)

Android Апликација „Танго милонгеро Скопје“ (преку мобилен со Android 3.0 или понов)