Научи танго!

Пријави се за бесплатни часови! Не ти е потребен партнер/ка – понеси само добра волја и желба да научиш нешто. Пиши ни маил на tango.mkd@gmail.com
кликни за повеќе...

Sunday, March 27, 2016

Зошто тангото е опасно по живот?

Warning: tango contains highly addictive ingredients, such as pain, pleasure, passion, excitement, connection, freedom, torment, and bliss. In seven out of ten cases it takes over a person's life

Што е тоа што тангото го прави толку опасно за да им се даваат вакви предупредувања на луѓето? Колку и да е овој цитат кажан како духовита досетка, тој сепак содржи многу вистина во себе.

Ќе се обидам во овој пост да објаснам што е она што тангото го прави толку „опасно“.

1. Магијата на човечката комуникација – Танго прегратката не е само она што може да се види однадвор. Оние кои танцуваат преку таа прегратка воспоставуваат комуникација која ги надминува бариерите на секојдневието. Кога танцуваш со некого не е важно како се вика, што работи, што е по религија или националност, колку заработува, дали повеќе го сака барокот или минимализмот... Во танго прегратката како во ниедна друга комуникација до израз доаѓаат работите што со зборови не може да се изразат, оние суптилни треперења на душата, внатрешните состојби, емоциите, стравовите, соништата, страста... Со еден збор – доаѓа до израз душата.

Често се случува да танцуваш со некого за кого не знаеш ни како се вика, а да се чувствуваш како да се познавате отсекогаш. Така е зашто танго прегратката открива работи кои си ги кажуваат само оние кои се познаваат отсекогаш.

2. Слаткиот вкус на напредокот Тангото е активност во која учењето нема крај. Никогаш не можеш да бидеш најдобар и никогаш не можеш да кажеш дека знаеш сè. Тоа е не е натпревар во кои некоја жири комисија те оценува и ти дава награда. Тоа не е стандардизиран танц и не постојат завршни испити или доделување дипломи. Наградата што ја добиваш е задоволството од напредокот, а оценувањето се милонгите (игранките) на кои го користиш она што си го научил/а.

Сите оние часови вежбање и учење нови и нови работи добиваат смисла кога ќе го почувствуваш задоволството дека твоето тело ги прави движењата кои што отсекогаш си посакувал/а да ги направиш. Тангото те учи дека е важно патувањето, а не стигнувањето на целта. Тангото е како и животот.

3. Екстазата на музикалноста Не знам дали некој успеал да утврди кога луѓето првпат почнале да танцуваат, ама верувам дека е тоа многу рано во историјата на човештвото. Постои некоја магија во движењата на телото кои совршено се поклопуваат во ритамот и мелодијата на некоја музика. Кога танцуваш всушност ја следиш музиката, но постојат моменти кога ти се чини дека музиката ги следи твоите движења. Таквото совршено совпаѓање на движењата на телото и музиката го прават танцувањето екстатично доживување: имаш чувство дека телото ти лебди над подот и дека се движи заедно со ритамот и мелодијата во воздухот.

Танчерите често ќе ти речат и дека на моменти се губи целиот свет околу, дека сè станува црно-бело и дека постојат само партнерот и музиката. Знам дека на многумина ова можеби ќе им се чини како претерување – единствен доказ за тоа колку е ова точно е фанатичноста со која тангеросите играат танго, тоа колку часови поминуваат на игранки и како го преуредуваат својот живот за да направат простор за оваа страст.

4. Топлината на глобалното танго семејство Луѓето од танго светот се луѓе кои патуваат и луѓе кои сакаат да се поврзат со странците – зашто ги поврзува заедничката страст. На шега понекогаш на моите ученици им велам дека сите што играат танго се една нација – сите сме Аргентинци, а тангото е наша религија. Секој поголем град во било која земја од САД до Нов Зеланд и Јапонија, од Русија и Кина до Филипините, Хонг Конг, Либан и Јужна Африка... речиси и непостои поголем град во светот каде што не постои некоја танго заедница. И постои некоја енергија која ги поврзува сите, дури и кога немале прилика лично да се запознаат. Истото она чувство што го имаш кога во странска земја ќе сретнеш некој што го зборува твојот јазик – така се однесуваат меѓу себе сите кои танцуваат танго.

На пример, постои една фејсбук група на која секој тангерос кој патува и треба неколку часа да чека трансфер на некој аеродром, може да соопшти точно место и време, па ако некој друг тангерос случајно е таму во тоа време, закажуваат средба и танц. Таму, на аеродромот, во просториите за чекање.Тоа е таа поврзаност зашто оној што научува танго станува член на едно глобално семејство.

5. Откривањето на светот – Парите се секогаш проблем, ама понекогаш уште поголем проблем е мотивацијата. Оние кои танцуваат танго, повеќе патуваат – не затоа што имаат повеќе пари, туку затоа што се помотивирани. Тангото е одлична причина за да почнеш да патуваш. Мрежата танго пријатели што ќе ја запознаеш многу ќе ти помогне твоето патување да биде поевтино и попрактично, а понекогаш некој од нив може дури и да ти понуди и бесплатно сместување.

Постојат многу интернационални танго настани чии организатори ќе ти понудат помош при сместувањето и организацијата на патот. Сето тоа ќе ти помогне патот да ти биде многу поефтин и поприфатлив, отколку ако патуваш како обичен турист.


Доколку овој пост ја разбуди твојата љубопитност – те предизвикувам да дојдеш и да пробаш да научиш танго. Часовите се бесплатни. Пиши ни и-мејл на tango.mkd@gmail.com за да добиеш детални информации за тоа каде и кога може да почнеш.

автор: Ивица Антески

Monday, October 26, 2015

Tango Community Survival Manual

When I first started dancing the tango I was confused. I did not have a regular teacher, and the ones I did have often gave me contradictory pieces of advice and lectures.

I guess that many of the beginners are in a similar situation. That is why I decided to formulate some of my experiences into the six most important pieces of advice for survival in the tango comunity.

Tango is not a standardized dance. There is no right way, only a way that may or may not work out for you.

My point is this – when you dance your aim is to make your partner enjoy the dance. Everything else you do has to serve this purpose.

Here are the six things that everyone beginning to dance in general or to dance the tango should be aware of:

1. Be your own teacher – Your doctor can establish a diagnosis and prescribe you therapy, but it is up to you whether you will take their advice and what you will do in order not to get sick again. Tango is similar: your teacher may tell you what to correct in your dance and provide you with directions, but it is up to you to what extent you will apply it.

Sometimes not even your teacher can tell you what you need because the most important things in tango cannot be seen from the outside. It is great to have a mentor and to follow them, but it is even greater to be your own mentor.

How to become your own teacher? Here are a few recommendations:

- Ask – Ask the more experienced dancers what they think of your dancing, ask your partners (be careful not to overdo it) and ask for honest constructive criticism. Ask questions to define the best characteristics of your dancing and how to make it better. Taking this into consideration, define what you need to work on. Ask your teacher how to fix it.

- Read – Tango happens in the head first. The right mindset, the right thinking about what you do is the base for everything. That is why you should read as much as you can, watch interviews, think, compare, search for answers to the dilemmas you may have.

- Watch – People are mimetic beings – that means that most often we learn by copying what we see. That is why you should compile a collection of your favourite videos and watch them from time to time. Learn by copying, put yourself in your idols’ shoes, do what they would do, think the way they would think.

2. Build your own style – When you dance it is very important to be recognizable. Think of how you would like to be remembered by those that you dance with. As the guy that dances milongas beautifully, the gentleman that fills me with positive energy, the girl with the soft embrace, the lady that does a wonderful giro? You may dance unbelievably well, but you may sink into the grayness of mediocrity if there isn’t a single thing that you will be recognized by.

It goes without saying that you need to know to dance to all types of music and to have all the elements to be complete, but you only need one element to be recognizable. After choosing what you like and what you have a talent for, focus on it to perfect it better than all the other dancers. In this manner, everyone will always want to dance with you.

3. Give selflessly – You cannot hide anything in tango. I am not familiar with another human activity in which every detail of the soul becomes so apparent. If you hold fear or frustration while you dance, they emerge to the surface; if you are in a good mood, it can be clearly seen; if you have had a bad day or if you are tired, you cannot hide that from your partner.

Irrespective whether any of the above examples apply to you, one thing should never cross your mind – to be selfish. What does that mean?

Tango is a dance for two and it can be truly wonderful provided that these two people connect to one another and dance together. If they are not able to do that, the dance becomes as pointless as the conversation of two people that don’t listen to one another, but think merely of what they themselves are saying.

Thus, always dance for your partner. Give, help, do everything in you power to make them enjoy more. It will come back to you multifold.

At this point I would like to point out the opposite case: when you think about your partner too much – in this way you are blocked and can’t enjoy. If you don’t enjoy yourself, you can’t give joy to others.

5. Hygiene comes first – This is a continuation of the previous recommendation. If someone hasn’t taken the time to shower before a milonga, or brush their teeth, and has come to dance like this, then they are selfish. I rest my case.

Nowadays there are thousands of personal hygiene products and it is absolutely not allowed for one to reek of sweat or their last meal odor. I’ve heard all kinds of excuses: ‘I come directly from work, so I couldn’t find the time’, ‘I’ve been to a pub’, ‘You will have to excuse some people, they just smell more’ etc. There is no acceptable excuse.

Smokers are a distinct category that comes to dance, wearing their smoky ‘ashtray’ smell with them.

5. Accept people the way they are – There isn’t a single tango community without clans, groups, fractions and other divisions. People divide based on many factors and quite often they speak against each other.

I know many people that gave up tango dancing because they were bothered by these divisions – these people expected that the tango community would be an idyllic family whose members love each other and always hang out. This is an illusion. Just like any other group of people, there is personal animosity, past relationships, future relationships, ideological differences and the like.

My recommendation is to learn to keep a certain distance from these things and not to idealize. Mesmerized by the sweet sensation of dancing it is easy to get charmed and suppose that people are better than they are. Tango is such a phenomenon that helps people’s hidden passions come to the surface, no matter whether they are good or bad.

Thus, stay close to the people who are close to you and establish fair communication with most of the group.

6. Travel – You can’t truly feel the splendor of tango without traveling. This especially refers to communities that are small and closed. That is why every experience abroad may give you new impetus and inspiration.

Additionally, traveling abroad may help you get a new perspective and new understanding of how things stand at your tango scene. Tango trips are not always expensive. The organizers of different events will help your trip to be cheaper, and often the friends you have met at different events may prove quite helpful.

What is your experience? Which of your past experiences may serve others, especially newcomers to the tango community?
translation from Macedonian: Jana Nichota

author: Ivica Anteski
ivica.anteski@gmail.com
www.pocpal.blogspot.com 

Tuesday, October 13, 2015

Танго прирачник за жени (2 дел): Танцувај со срцето, не со умот

На моите часови доаѓале стотици ученички и кај 100% од нив вистинскиот напредок се случува во оној момент кога ќе почнат да чувствуваат наместо да сфаќаат, кога нивното искуство наместо во свеста ќе почне да се случува во срцето.

Ќе се обидам во овој пост да објаснам што значи тоа и како може полесно да се постигне. Постов е дел од серијата текстови за моите искуства со проблемите на девојките кои доаѓаат на моите часови.

Кога велам „танцувај со срцето, не со умот“ мислам на чувствување на комуникацијата со партнерот, наместо свесно „читање“ на неговите знаци. Танцување „по чувство“ наместо „со умот“. Но што тоа значи? Секако дека и во двата случаи, и во чувствувањето и во свесното читање, станува збор за активност на умот. Еве ги клучните разлики и начините како се постигнува тоа:

1. Временската определеност. Поради оваа лекција многу често сум добивал коментари дека потсетувам на зен учител или дека тангото е слично со медитација – во тангото не постои иднина и не постои минато, постои само сегашниот момент. Вистински може да се внесеш во танцот само ако заборавиш на она што поминало и само ако престанеш да го очекуваш она што следува – треба целосно да се фокусираш на она што се случува сега.

Кога размислуваш со умот, во суштина се обидуваш да ги предвидиш знаците што ќе ти ги даде партнерот, а најчесто тоа го правиш врз основа на она што тој го направил претходно, во минатото. На тој начин твоето време станува линеарно, тоа тече од минатото кон иднината. Вистинската магија на тангото се случува тогаш кога времето за тебе ќе запре. Тогаш веќе нема да биде важно што се случило во минатото, неколку чекори пред Сега, а неважно е и тоа што следува. Единствено нешто што треба да те интересира е она што се случува сега во овој момент.

Тогаш кога ќе почнеш да уживаш во Сега, тогаш за тебе вратите на танго магијата ќе почнат широко да се отвораат.

2. Визуелизацијата. Доминантно сетило на луѓето е видот. Ние се обидуваме да видиме за да може нашиот мозок да ги процесуира тие податоци и да го разбере она што се случува. Но, гледањето има стимулирачки ефект за свеста и за контролата, а тоа понекогаш може да пречи кога танцуваме.

Кога играш танго и гледаш во нозете на партнерот, или во твоите нозе, твоите чувства се исклучени, ти танцуваш според инструкциите на твојата свест, онака како што таа смета дека е потребно. На тој начин, наместо за инструкции за движењата да се обратиш кај својот партнер, ти се обраќаш кај својата свест и на тој начин ја прекинуваш комуникацијата. На некој начин почнуваш да танцуваш сама со себеси и сама за себеси. Така тангото во пар наместо еден, станува два паралелни танци, слично како и разговор во кој соговорниците не се слушаат еден со друг, туку само зборуваат, па место разговор добиваме два паралелни монолози.

Затоа многу често на девојките им кажувам дека не е толку важно да сфатат какви движења треба да направат со нозете, колку што е важно да почувствуваат на што ги води партнерот. Кога двајцата партнери ќе ги научат чекорите напамет, танцот наизглед функционира, но тоа е илузија. Тоа е исто како двајца што се глуви да научат неколку прашања и одговори напамет и да си ги кажуваат еден на друг – тоа може да личи на разговор, ама тоа е само илузија.

Можеби најдобрата вежба за ова ја научив од мојот прв аргентински учител Рафаел Рамирез кој ме советуваше на практики понекогаш додека вежбам да правам муабет со мојата партнерка. На тој начин ќе го дефокусирам нејзиното внимание од активноста на нејзиното тело, па додека нејзината свест се мачи да смисли одговор на прашањето што сум ѝ го поставил, постсвеста (срцето) работи без контрола на свеста, комуницира непосредно.

3. Техниката. Лесно е да кажам следи го партнерот, но јасно ми е дека тоа на почетничките им е многу потешко отколку на оние кои имаат определено искуство. Зборувам за искуство во движењата.

Затоа не е лошо понекогаш некои движења да се научат и напамет, за да се совладаат основните техники на движење, но учењето напамет треба да заврши тука. За да се случи вистинскиот напредок треба да се потреш на комуникацијата, а не на она што си го запомнила во умот.

Учењето на техниката е многу важно и таа треба постојано да се вежба. Како и во секоја друга вештина, за да направиш нешто „по чувство“ мора да го извежбаш доволно. Тоа е исто како и возење велосипед – кога почнуваш ти постојано мислиш на секое движење, возиш „со умот“. Кога ќе го извежбаш движењето, возењето велосипед е веќе потсвесна активност, ти почнуваш да возиш „по чувство“ и додека возиш можеш и да разговараш со некого паралелно.

И во двете активности контролата ја има мозокот, но во едниот случај тоа е свесно, во другиот тоа е несвесно. Тоа е значењето на она „по чувство“ кое го употребувам во овој текст. Затоа, вежбај ја техниката, но секогаш биди свесна дека танцување во пар е многу повеќе од добро научена техника.


Сите овие работи што ги кажав немаат смисла ако не си дадеш време. Како и во секоја друга вештина, потребно е време и искуство, потребни се часови и часови поминати во прегратката на добри партнери за да може ова за кое зборувам да стане лесно и употребливо.

Додај свој коментар овде или во порака по и-мејл. Какви се твоите искуства? Доколку ти беше интересен овој текст веројатно ќе сакаш да го прочиташ и првиот дел кој објаснува зошто тангото не е игра на доминација.

автор: Ивица Антески
ivica.anteski@gmail.com 

Wednesday, October 7, 2015

Танго прирачник за жени (1 дел): Тангото не е игра на доминација

Сакајќи да ги опишам најчестите проблеми со кои се соочуваат девојките кога почнуваат да учат да танцуваат танго решив да напишам еден пост со пет главни поенти. Но, опширноста на материјата всушност ме натера да го поделам текстот на повеќе продолженија.
Работните наслови на секоја од поентите се следниве:
  1. Тангото не е игра на доминација
  2. Танцувај со срцето, не со умот
  3. Рацете служат за прегрнување
  4. Нозете служат за срцето да не падне на подот
  5. Парот има само едно срце, твоето срце
По сè изгледа дека од секоја од овие поенти ќе излезе посебен текст. Затоа следи го блогов за да не пропуштиш некое од продолженијата.

Овие текстови се главно наменети за жени, но препорачувам да ги прочитаат и мажите, затоа што ќе им помогнат да ги сфатат подобро своите партнерки, што ќе им помогне да танцуваат подобро.

На почеток сакам да дадам уште една напомена: не велам дека е секогаш сè онака како што е напишано во текстов, туку само дека ова се заклучоците до кои сум дошол во мојата работа. Доколку некој не се согласува јас сум отворен за забелешки, но не доколку се тие необјективни и од некој кој не ги искусил работите за кои пишувам. Ставовите што овде ги опишувам се пофеминистички отколку сите феминистички ставови за тангото што сум ги слушнал целиот мој живот и затоа сета аргументација од тн „феминистичка“ перспектива ги отфрлам однапред. Таквата аргументација може да биде само резултат на размислување на некој што не се обидел да ги сфати поентите.

Во овој прв текст за проблемите и дилемите со кои често се соочуваат жените кога почнуваат да учат танго ќе пишувам за прашањето на доминацијата.

Многу од ученичките кои доаѓаат на моите часови, посебно оние силните жени, мислат дека фактот што мажот води значи дека тие треба да бидат во подредена улога. Затоа, тие, сосема погрешно, заклучуваат дека никогаш нема да научат танго, дека тангото не е за нив. Ништо не може да биде подалеку од вистината.

Тангото многу повеќе им припаѓа на силните жени, отколку на оние кои се несигурни во себе. Тоа е затоа што силните жени знаат многу подобро да вопостават комуникација, и, што е уште поважно, знаат да ја дефинираат онака како што му одговара на нивниот сензибилитет. Да станеш добра во танго, значи да станеш силна жена. Преку тангото, дури и оние што се несигурни во себе, може да најдат начин за да станат силни, самоуверени и женствени. Сум ја видел таа трансформација многупати.

Да почнеме со ред. Отсекогаш ми пречела терминологијата која, многу е тоа веројатно, потекнува од Европа. Како што вели Кристин Денистон во својата книга „The Meaning of tango“ во Златното доба Аргентинците никогаш не би рекле leader и follower, тие би зборувале за машка и женска улога. Зошто? Во тангото, како и во љубовта, не би смеело да има хиерархија – нема повластена позиција и нема некој што е од второстепено значење. За да биде тангото магичен танц се потребни двајцата.

Но зошто некои и понатаму ја користат оваа терминологија? Според мое мислење тоа се случува затоа што не ја сфаќаат суштината на комуникацијата во тангото. Точно е, додека се танцува, мажот ја смислува кореографијата и преку низа знаци со телото ја пренесува на жената - но да се заклучи дека поради тоа тој е лидер, а дека жената следи, е некоректна симплификација и вулгаризирање.

Еве три причини зошто тангото не е игра на доминација:

1. Комуникацијата во тангото мора да е двонасочна. Добар играч не е само оној што знае да ги даде вистинските знаци на вистински начин, добар играч е оној што знае „да ја прочита“ жената: како таа се чувствува во моментот, колку е напната, што ја смирува, кои фигури ѝ се лесни, а кои прават да се чувствува несигурно. Мажот мора да е фокусиран на примање информации, исто колку што мора и да дава знаци. Неговото внимание мора да биде на суптилните знаци што му ги дава жената во неговата прегратка: колку е напната, колку се меки нејзините движења, колку одговара на неговите знаци, при кои фигури реагира на каков начин... овие работи ги напоменав само за да покажам дека движењата на мажот, доколку е тој добар играч, не се произволни и не зависат само од неговата желба да направи нешто, туку во голем степен и од неговата партнерка.

Неговата кореографија „ѝ служи“ на партнерката. Тој фактички го чита нејзиниот емотивен лид и врз однова на тоа (и на уште пет шест други важни нешта како музиката, рондата и слично) одлучува кои фигури ќе ги направи.

Доколку жената почувствува дека нејзиониот партнер не се труди да ја следи, веројатно не би требало никогаш да танцува со него затоа што тој не ја почитува и танцува само за себе. Доволно е само да го игнорира неговото кабесео.

2. Мажот зависи од тебе. Мажот не може ништо да направи доколку жената тоа не му го дозволи и доколку не му помогне. Да се разбереме, не зборувам овде за помагање преку антиципирање, предвидување на следните чекори – помошта што жената ја дава е во соработката. Таа мора да направи сè што е во нејзина моќ да овозможи колку што е можно подобра комуникација од телото на партнерот до нејзиното тело, и од нејзиното тело до нејзините нозе. Колку полесно тече таа комуникација, толку полесно ќе му биде на мажот да направи магија од танцот.

Оваа соработка доаѓа од фактот дека кога двајца танцуваат имаат заедничка цел – а целта е да уживаат и двајцата. Сето ова што го кажав не значи дека жената е пасивен посматрач, тоа значи дека таа е фокусирана на други нешта, а не на физичките движења.

Кои нешта? За тоа ќе пишувам во еден од следните постови, но овде само ќе напоменам дека целта на тангото е уживањето на жената, многу повеќе од уживањето на мажот. Жената мора да научи да се препушти на музиката и да ужива во танцот. Најчесто мажот во тангото ужива во чувството дека успеал да ја направи среќна својата партнерка.

3. А кој го води мажот? Ако мислиш дека во тангото мажот е тој што води, размисли за причините што го тераат да танцува на еден начин, а не на друг. На внимателниот и искусен посматрач не може да му избега од пред очи фактот дека истиот маж танцува различно со различна партнерка. Тоа е поради тоа што различните партнерки му даваат различно чувство, а во танцот сè што правиме доаѓа од чувството. Ако мажот ги води физичките движења, жената го води неговото чувство кое ги предизвикува тие движења. Затоа често велам дека жената е емотивниот драјв на секој пар. Ако таа танцува студено, мажот ќе биде демотивиран, ако таа додаде оган, танцот ќе биде магичен. Секако дека ова оди и во другата насока, но, сепак, ова е местото што обично би требало да го контролира жената.

Сите овие поенти покажуваат дека не постои лидер кога станува збор за тангото. И мажот и жената треба да си го изодат својот дел од патот за да може парот да стигне до блаженството на танцот. Станува збор за соработка, не за хиерархија.

Забелешка: Единствен случај што според мене дозволува да ги користиш термините leader и follower е кога танцуваат почетник и искусен играч. Независно дали е искусен мажот или жената, лидер е оној што е поискусен.


автор: Ивица Антески

Friday, October 2, 2015

Како да си бидеш танго учител самиот себеси

Кога држиме часови јас како учител може на моите ученици да им покажам каде е вратата - но, да влезе во неа може само секој од нив самиот.

Пишувајќи за тоа како да се снајдеш во танго заедницата препорачав дека е многу важно самиот да си бидеш свој учител. Оваа препорака таму беше објаснета во кратки црти, но после мало размислување сфатив дека таа заслужува да биде опишана малку подетално. И така се роди овој пост.

Еве пет нешта на кои треба да обрнеш внимание ако сакаш самиот себеси да си бидеш учител во тангото.

1. Биди свесен за процесот на учење – Кога јас учев да танцувам доаѓав до моменти кога бев толку незадоволен од тоа како напредувам, што на моменти сериозно размислував да се откажам. Сметав дека немам талент за танго. Единствено нешто што ме задржа беа зборовите на поддршка и охрабрување што ми ги даваа партнерките и пријателите и за тоа сум им неизмерно благодарен. Овие моменти на слабост, овие кризи, доаѓаа одвреме навреме и со секоја наредна јас сфаќав зошто тоа се случува.

Во постов, ќе се обидам тоа да го објаснам за оние што сега почнуваат. Кога учиш да танцуваш секогаш најпрвин знаењето го добиваш во умот: најпрвин сфаќаш што и како треба да направиш, ја имаш идејата и замислата. На телото му треба извесно време и вежбање за да може да го направи она што умот ќе го замисли. Тоа значи дека умот учи многу побрзо од телото.

Поради сето ова, оној што учи танго често доаѓа во ситуација умот да знае, а телото да не знае. Во главата сфаќаш како треба, ама со телото тоа не можеш да го направиш. Оваа разлика, резултира со криза и разочарување. За да не се случува оваа криза, треба да бидеш свесен за тоа дека овие разочарувања, оваа разлика меѓу умот и телото, е нормален дел од процесот на учење. Уште повеќе, овие моменти се показ дека ти всушност напредуваш. Ако умот веќе сфатил, само прашање на време е кога и телото ќе почне да го следи она што умот го замислил.

Затоа, секогаш кога ќе се исфрустрираш затоа што нешто не можеш да го направиш, треба да бидеш среќен. Твојот ум се издигнал за ниво повеќе, отишол чекор понапред, ти си научил нешто – и токму тоа е причината зошто не си задоволен со тоа како твоето тело танцува.

Кога телото ќе успее да го достигне она што умот го замислил, тогаш ќе настапи задоволство, ти ќе бидеш среќен затоа што чувствуваш дека танцуваш онака како што треба. Ако трае долго оваа ситуација на изедначување на тоа како умот замислил и како телото танцува, треба да бидеш свесен дека стагнираш.

2. Истренирај го умот – Но, како да напредуваш, ако дојдеш до момент на стагнација? Истренирај го умот. Танцот се случува во умот и срцето, не во телото. Телото е само еманација на мислата. Затоа многу често на моите ученици им кажувам дека човекот може да го запознаеш многу добро преку начинот на кој танцува.

Сето ова значи дека процесот на учење танго 80% се случува во умот. Како да го направиш тоа? Тангото е танц кој што еволуирал, не е измислен во главата на некој генијалец. Сѐ што правиме кога танцуваме има причина. Кога ќе ги научиш тие причини, ќе ти биде многу полесно да го надградуваш знаењето. На пример, хирото (вртењето) настанало како резултат на немањето доволно простор за танц по линија.

Тоа значи дека фигурите што ги правиме се само решавање на проблем, а не уметничка креација: како да направиш движење во мал простор, а притоа тоа да биде убаво и музикално. Тоа значи дека немаш неограничен број на опции што можеш да правиш, ние не правиме уметничка креација, ние решаваме проблеми. Тангото е повеќе математика отколку што е уметност.

На многумина им пречи тоа што моите ученици ги обесхрабрувам да гледаат видеа со танго ѕвездите кои настапуваат по разни фестивали, но тоа го правам за да им помогнам побргу да научат. Најголемата грешка што можеш да направиш е да гледаш премногу видеа со сценски настапи. Тоа ќе ти го расипе критериумот за тоа што е убаво, а што практично – убавото и практичното во танцот се неразделно поврзани. Она што го правиме кога танцуваме мора истовремено да е и елегантно и изводливо во услови на милонга каде што имаш ограничен простор. Сценските играчи обично имаат огромен простор и затоа нивните фигури се непрактични.

Колку и да се убедуваш себеси дека правиш разлика меѓу сцена и подиум, меѓу шоу и социјално танго, самиот акт на гледање видеа влијае на твоето размислување и твоето толкување на музиката. Гледајќи видеа ти го поместуваш твојот критериум да биде блиску до оној на танго уметниците, сценските танчери и со тоа твојот стил станува непрактичен на милонга.

Наместо тоа, јас препорачувам колку што може повеќе да гледаш видеа од настапи на старите милонгероси. Тие нивниот стил го развиле на милонгите, а не на сцена. Да се разбереме, и старите милонгероси (а и помладите кои танцуваат слично на нив) кога имаат настапи всушност повеќе прават шоу отколку што танцуваат. Разликата меѓу нив и сценските играчи е тоа што старите милонгероси нивниот стил го развиле на милонгите и практиките, додека сценските вежбаат и по 8 часа на ден за да изведат некоја фигура на сцена. Првите танцуваат практично и елегантно, вторите егзибионистички и атрактивно.

Затоа, ако сакаш да изградиш критериум гледај видеа со старите мајстори. Еве некои од нивните имиња, оние од кои и јас сум учел: Ricardo Vidort, Tete Rusconi, Blas Catrenau, Nestor La Vitola, Ricardo Franquelo, Eduardo Masci, Alberto Dassieu, Cacho Dante, Horacio Prestamo, El Chino Perico и други. Јас си ги даунлодирам видеата од Youtube и си имам во лаптопот цела библиотека со фолдери за секој овие, кои се еден вид мои учители.

Самиот акт на гледање го тренира твојот ум и тоа е многу важно за твојот напредок. Овие препораки најмногу важат за машките затоа што, и покрај фактот што на стилот на танц многу влијае и темпераментот на девојката, стилот на парот најмногу зависи од стилот на мажот.

Што се однесува на девојките, тие може да го поправат своето танцување со тоа што ќе се фокусираат на начините на комуникација со партнерот, односно, нивната прилагодливост на различни типови партнери. Малкумина се свесни колку девојката може да влијае на начинот на комуникација. Всушност, според мене, начинот на комуникација во танго го дефинира девојката и за тоа планирам наскоро да пишувам пооопширно, тоа заслужува посебен пост. Засега, само сакам на девојките да им препорачам да се фокусираат на тоа да го истренираат умот на тоа да ја подобрат комуникацијата со партнерите додека танцуваат.

3. Истренирај го телото – Како што веќе споменав погоре, процесот на учење е најпрвин умот, потоа телото. Оние што читале малку од историјата на тангото, знаат дека оригиналниот начин на кој учеле танго во Буенос Аирес во Златното доба дијаметрално се разликува од оној што се користи денес. Разликата е во начинот на кој се стекнуваат знаењата.

На практиките во Златното доба немало учители и најчесто немало жени. Жените вежбале дома со своите мајки и сестри. Машките вежбале меѓу себе.

Обично првата година мажот ја посветувал на совладување на женската техника и играл со поискусните како жена. Откако ќе поминел овој период на иницијација тој почнувал да ја учи машката улога. Многу малку од играчите се специјализирал во вербално пренесување на знаењето. Ако сакаш да му покажеш на некој на помлад играч, го земаш и го изведуваш чекорот со него. Не му објаснуваш како се води, туку тој самиот го чувствува тоа додека го водиш. Сето ова значи дека знаењето се пренесувало преку телото, а не преку умот.

Денес ние учиме преку умот и треба да му оставиме на телото малку време за да го сфати тоа што треба да го направи. Трпението во овој процес е твојот најголем сојузник.

Доколку не можеш да направиш нешто нема да ти помогне ако одлучиш да потрошиш многу време на вежбање. Тангото не функционира така. За да направиш фигура која сега не можеш, треба да се вратиш на поедноставните фигури и да ги усовршиш, па кога ќе бидеш зрел, ќе можеш да ги правиш покомплицираните.

Секако, треба да знаеш каде е твојата грешка, а за тоа најмногу може да ти помогне тренингот на твојот ум и добриот учител. И да, снимај се и гледај како танцуваш. Доколку си го истренирал умот добро, самиот ќе може да препознаеш што е добро, а што лошо гледајќи се како танцуваш.

4. Враќај се на основата – Размисли како расте едно дрво. Кога почнува неговото стебло е тенко, и долу во близина на коренот и горе каде што наскоро ќе се разграни бујна крошна. Но, кога ќе почне да расте крошната, растењето на стеблото долу, во близина на коренот не престанува. Дрвото расте целосно, во сите делови.

Така треба да е и со танцот. Ти може да учиш нови фигури, но никогаш немој да заборавиш да се враќаш одвреме навреме на основите. Најважно од сѐ, никогаш немој да престанеш да го усовршуваш своето чекорење.

Многу често на моите ученици им го споредувам чекорењето со акцентот – на пример некој може да научи фински јазик совршено, да има речник побогат од Финец, но Финците сепак ќе препознаваат затоа што има лош акцент. Начинот на кој чекориш е како и начинот на кој ги изговараш зборовите – ако знаеш убаво да чекориш секој ќе знае дека си добар танчер, дури и кога нема да правиш комплицирани фигури – ако знаеш добро да ги изговараш зборовите, може да помислат и дека си Финец, дури и да не знаеш многу зборови.

5. Не биди суетен – Од искуство знам дека кога танцуваш танго, на површина испливуваат најдобрите и најлошите особини што се во тебе. Не само во танцот, туку и во твоите односи во танго заедницата. Оваа магија што ја прави тангото е позитивна, затоа што те соочува со тоа што навистина си и ти дава можност да се усовршиш.

Кога учиш танго, впрочем и било што друго, најлошото нешто што може да го направиш е да почнеш да мислиш дека знаеш сѐ. Таквите никогаш не научуваат и обично се најлошите танчери, како според движењата на телото, така и според енергијата што ја носат кон партнерот и кон милонгата.

Затоа, одвреме навреме биди самокритичен и не дозволувај егото да те заслепи. Убаво е ако имаш пријател од танго кој понекогаш ќе знае да те спушти на земја. Цени ги таквите пријатели, затоа што тие ќе ти помогнат твоето танго искуство да биде многу поубаво.


автор: Ивица Антески

Monday, September 28, 2015

Пет нешта без кои твоето доаѓање на танго нема смисла

Во мојата работа како танго инструктор многу често сум фрустриран кога гледам дека талентирани играчи доаѓаат на часови, стигнуваат до некое ниво и после неколку месеци се откажуваат сметајќи дека научиле да танцуваат танго. Тие не сфаќаат дека тангото не е нешто што го ставаш на својата To-Do листа и што кога ќе научиш го штиклираш како завршено.

Ние во нашите школи за социјално танго не даваме дипломи и дефинирани или станардизирани нивоа, затоа што никој не може да каже дека знае, секогаш може да научиш повеќе и подобро. И таа диплома не ти вреди ништо и не можеш да ја употребиш за ништо освен да се фалиш пред пријателите. Она што е важно и што го добиваш од часовите е неверојатното искуство и доживување на танго културата, еден цел нов магичен свет - а неа може да ја почувствуваш само на начините за кои пишувам во овој пост.

Доколку не знаеш што е смислата на учењето танго и каде да ја најдеш, еве пет нешта што мора да ги знаеш кога почнуваш да учиш традиционално аргентинско танго.

1. Редовно доаѓај на милонга – Која е смислата на учењето танго? Целата поента на часовите е да те подготват да уживаш кога ќе дојдеш на милонга. Ако мислиш дека за тебе е доволно да доаѓаш на часови затоа што тоа те опушта после напорниот ден и дека таму си поминуваш убаво и запознаваш нови луѓе – ти си ја промашил целата поента на учењето танго.

Тангото е социјален танц и неговото живеалиште е на милонгите – негова природна средина не е ниту на часовите, ниту на шоу претставите што може да ги изгледаш на Youtube. Ако мислиш дека доаѓањето на часови е опуштање и забава, треба да дојдеш на милонга и да видиш колку е тоа опуштено и забавно. Дури и кога не танцуваш.

Немој да мислиш дека за да дојдеш на милонга треба да си совршено подготвен за да не се избламираш. Секој од поискусните играчи го поминал периодот на учење и секој ќе разбере ако не можеш да се снајдеш на почеток. Доколку не се чувствуваш доволно самоуверено да танцуваш тогаш кога е најголемата гужва, твое време би требало да биде почетокот на милонгите, кога подиумот е празен.

Што се однесува на кодигосот (кодексот на однесување на милонга) теоретските основи што се учат на часовите се доволни за да почнеш, другите детали ќе ги научиш во лет и со прашување. Исто така, од помош ќе ти бидат содржините на овој блог каде што често пишуваме за кодигосот и пристојното однесување на милонгите. Дури и ништо да не знаеш, дури и да не се чувствуваш доволно подготвен – би требало да доаѓаш на милонгите за да ја почувствуваш атмосферата и да ја сфатиш смислата на она што го учиш на час.

Кога првпат одиш на милонга би било добро да најдеш ментор, некој поискусен играч кој ќе те воведе во сите детали. Договори се заедно да одите на милонга и прашувај сѐ што не ти е јасно. Поискусните играчи ќе бидат среќни да можат да ги споделат со тебе своите искуства и знаења.

Доколку не можеш да најдеш ментор, обрати му се на својот учител и тој ќе ти најде некој што е најсоодветен.

2. Патувај макар двапати годишно – Според некои проценки во Буенос Аирес во Златното доба на тангото (1930-1950) секоја вечер на милонги оделе половина милион луѓе. Убавината на тангото, покрај елеганцијата, комуникацијата и музиката, е и во запознавањето нови луѓе.

Скопската танго сцена во моментов (во септември 2015 година) нема повеќе од 70 активни играчи. Доколку твојот танго свет остане ограничен на оваа бројка, не може да се смета дека си ја почувствувал вистинската убавина на танго кулурата.

Ова не е случај само со Скопје. Никој од соседните поголеми градови, како што се Белград, Софија, Солун, Тирана не може да се пофали со бројка на активни танго играчи поголема од 1.000. Слично е и со поголемите европски метрополи. Ретко каде бројката е поголема од 1.000. Затоа мора да патуваш.

Танго заедниците во светот се поврзани една со друга преку лични пријателства и преку комерцијални соработки. Луѓето од танго ширум светот организираат интернационални настани на кои се градат тие конекции и на кои можеш да танцуваш и да запознаваш различни култури и различни луѓе.

Постојат повеќе типови интернационални евенти – почнувајќи од ултракомерцијалните фестивали и маратони на кои некогаш доаѓаат повеќе од 1.000 луѓе, па сѐ до настаните од затворен тип како што се енкуентрата и радуната на кои некогаш доаѓаат и помалку од 100 одбрани луѓе.

Секако дека за да почнеш да патуваш на интернационални евенти е потребно одредено ниво и искуство, но ништо не може да те спречи да појдеш на локална милонга доколку патуваш некаде каде што има танго сцена. Биди во комуникација со поискусните играчи и со твојот учител за да те информира каде и кога има милонги во градот каде што патуваш. Оние кои веќе патувале обично ги одржуваат врските и често се добро информирани каде и кога има милонги во соседните градови.

Патувањата за танго обично се поевтини од обичните туристички патувања затоа што можеш да сметаш на поддршка и помош од локалните танго играчи, а доколку стекнеш и пријатели, може да ти понудат и да преспиеш кај некој од нив.

3. Слушај танго музика – Еден од најмагичните моменти на танго културата е музиката.

Кога си почетник обично малку потешко можеш „да ги свариш“ постарите песни и оркестри – ова го знам затоа што и мене тоа ми беше прилично тешко. Почетниците обично се фасцинирани со посовремените оркестри кои црпат инспирација од тангото (иако нивната музика не може да се нарече танго музика) како што се тоа џез виртуозот на бандонеон Астор Пиацола, како и електротанго оркестрите Готан Проџект, Бахофондо или Отрос Аирес. Тоа не е необично, ова се страшно добри оркестри и јас и денес уживам во нивната музика, иако тоа не е музика направена за танцување традиционално танго и покрај тоа што некои се обидуваат да танцуваат на неа.

Дај си време. Како што ќе навлегуваш во тајните на танцот, така ќе ја сфаќаш вредноста на традиционалните оркестри од Златното доба и од Старата гарда. Нивната музика е врзана со танцот, па како што ќе учуш да танцуваш сѐ повеќе ќе ја чувствуваш и ќе ја доживуваш сѐ поинтензивно и поемотивно. Дури и оние делови кои ти звучеле премногу ретро и премногу „забегано“ ќе почнеш да ги доживуваш како убави. Ова го кажувам од лично искуство, како и од искуството на другите искусни играчи.

Музиката не се доживува само со умот и срецето, туку и со телото. Како што ќе ја играш и запознаваш музиката, таа за тебе ќе има сѐ поголема вредност. Направи си еден фолдер со танго музика, каде што ќе ги распоредиш песните во различни папки, спрема оркестарот. Танго музиката е определена според името на оној чиј оркестар ги исполнува. Гледај на секој од фајловите да напишеш и која година е снимена песната и кој пејач ја пее.

На милонгите во главно се изведуваат песни од околу 25 оркестри. Запознај се со главните и научи да ја препознаваш нивната музика. Како за почеток еве една листа на најважните оркестри (спрема името на лидерот): Juan D'Arienzo, Rodolfo Biagi, Anibal Troilo, Carlos Di Sarli, Osvaldo Pugliese, Francisco Canaro, Edgardo Donato, Miguel Calo, Ricardo Tanturi, Alfredo De Angelis.

Музика побарај од поискусните играчи или можеш да си даунлодираш на интернет.

4. Запознај ги луѓето – Веќе неколку пати напоменав дека тангото е социјален танц. Тоа значи дека главната поента му е да им помогне на луѓето да се поврзат и да се дружат. Целата танго култура треба да ја гледаш како една голема забава.

Во времето на Златното доба во Буенос Аирес тоа го нарекувале Карневал. Најсоодветна споредба во нашата култура се вечерните излегувања во дискотеки до раните утрински часови. Или излегувањето во кафеани. Разликата е во тоа што најчесто кај нас на овие излегувања луѓето пијат и ретко танцуваат. Со тангото е обратно – луѓето малку пијат и многу танцуваат. Заедничко нешто е што на овие забави луѓето се запознаваат, стекнуваат пријателства, а често се раѓаат и љубови.

Смислата на целиот карневал е да ги запознаеш луѓето со кои го поминуваш времето, и да им дозволиш тие да те запознаат тебе.

5. Пренеси го знаењето – За сите проблеми што ги имаш како почетник, доколку прашаш, ќе најдеш некој од поискусните што ќе биде среќен да ти помогне и да те упати. Луѓето во танго заедницата уживаат да споделуваат, без притоа да бараат нешто за возврат. Тоа е речиси религиозна посветеност.

Исто како што и си добивал на почетокот, гледај да им помогнеш на оние што се помалку искусни од тебе. Ќе дојде момент кога твоите искуства на некој што е нов ќе му бидат драгоцени. Понуди му менторство и помош на некој кому му е потребна, поддржи ја заедницата во која танцуваш затоа што тоа ќе ти се врати неколкукратно.

Какви се твоите искуства? Кое е твоето уживање во танго културата? Напиши во коментари или пиши ни и-мејл за да можеме да ги споделиме со нашите читатели во некој иден пост.

автор: Ивица Антески

Wednesday, September 16, 2015

Прирачник за преживување во танго заедницата

Кога почнав да танцувам танго бев збунет. Немав класичен учител, а оние што ги имав ми даваа често контрадикторни совети и лекции.

Претпоставувам дека многу од почетниците се во слична ситуација. Затоа решив некои од моите искуства да ги формулирам во шесте најважни совети за преживување на скопската танго сцена.

Тангото не е стандаризиран танц. Не постои правилен начин, постои само начин што функционира и начин што не функционира за тебе.

Поентата е следна, кога танцуваш целта ти е да направиш твојот партнер/партнерка да ужива во танцот. Сè друго што правиш треба да ѝ служи на оваа цел.

Еве ги шесте работи за кои би требало да биде свесен секој што почнува да танцува, секој што почнува да учи танго.

1. Биди си самиот свој учител – Твојот лекар може да ти даде дијагноза и да ти препорача терапија, но од тебе зависи дали ќе се придржуваш на советите и што ќе преземеш да не се разболеш повторно. Слично е и со тангото: твојот учител може да ти каже што треба да поправиш во твоето танцување и да ти даде насока, но од тебе зависи колку од тоа ќе го примениш.

Понекогаш дури ниту твојот учител не може да ти каже што ти е потребно, затоа што најважните нешта во тангото не се гледаат однадвор. Да имаш ментор и да го следиш е одлично, но уште подобро е самиот да си бидеш сопствен ментор.

Како да самиот да станеш свој учител? Еве неколку препораки:

- Прашувај - Прашувај ги поискусните што мислат за твоето танцување, прашувај ги партнерите/партнерките (внимавај притоа да не претеруваш) и барај искрена конструктивна критика. Прашувај што е она што е најдобро во твоето танцување и како да го направиш уште подобро. Врз основа на ова дефинирај на што треба да работиш. Прашај го твојот учител како да го поправиш тоа.

- Читај – Тангото се случува најпрвин во главата. Правилниот мајнд-сет, правилното размислување за она што го правиш е оснава на сè. Затоа читај колку што можеш повеќе, гледај интервјуи, размислувај, споредувај, барај одговори на дилемите кои ги имаш.

- Гледај – Луѓето се миметички суштества – тоа значи дека најчесто учиме копирајќи го она што ќе го видиме. Затоа направи си колекција на омилените видеа и гледај ги повремено. Учи со копирање, постави се во улогата на своите идоли, прави го тоа што тие би го направиле, размислувај го тоа што тие би го размислувале.

2. Изгради сопствен стил – Кога танцуваш многу е важно да бидеш препознатлив. Размисли што е она по што сакаш да те запомнат оние со кои танцуваш? Дечкото што прекрасно танцува милонга, господинот што ме исполнува со позитивна енергија, девојката што има мека прегратка, госпоѓата што прави прекрасно хиро? Ти може да играш неверојатно добро, но да потонеш во сивилото на просечноста ако нема едно нешто по кое ќе те препознаваат.

Секако дека треба да знаеш да танцуваш на секоја музика и дека треба сите елементи да ги имаш за да бидеш комплетен, но потребен ти е само еден елемент за да бидеш препознатлив. Откако ќе го одбереш тоа што ти се допаѓа и за што имаш талент, фокусирај се да го усовршиш подобро од сите други кои танцуваат. На тој начин, секогаш сите ќе сакаат да танцуваат со тебе.

3. Давај несебично – Во тангото не можеш да скриеш ништо. Не познавам друга човечка активност во која станува толку очигледен секој детал на душата. Ако имаш стравови и фрустрации додека танцуваш тие излегуваат на површина; ако си добро расположен, тоа се гледа; ако имаш лош ден или си изморен, тоа не можеш да го скриеш од партнерот или партнерката.

Независно кој од горниве примери може да се каже за некого, едно нешто не би требало никогаш да се случува – да бидеш себичен. Што значи тоа?

Тангото е танц за двајца и тој може вистински да биде прекрасен само доколку тие двајца се поврзат еден со друг и танцуваат еден со друг. Доколку не се способни да го направат тоа, танцот ќе стане исто толку бесмислен како разговор на двајца кои не слушаат што им зборува другиот, туку мислат само на она што самите го кажуваат.

Значи, секогаш танцувај за партнерот/партнерката. Давај, помагај, направи сè што можеш за да го зголемиш неговото/нејзиното уживање. Тоа ќе ти се врати неколкупати зголемено.

Овде сакам да напоменам и еден спротивен случај, кога премногу мислиш на партнеорот или партнерката – така што си блокиран и не можеш да уживаш. Оној што не ужива, не може да даде уживање.

4. Хигиената е на прво место – Ова може да се смета за продолжение на претходната препорака. Оној кој не одвоил време да се истушира пред милонга, или да ги измие забите – и дошол да танцува така небањат и немиен, е себичен. Нема понатамошни коментари.

Денес постојат милион средства за лична хигиена и е апсолутно недозволиво да смрдиш на пот или на аромите од последниот оброк. Сум слушнал секакви изговори: „Идам директно од работа, немав време“, „Идам од кафана“, „На некои луѓе треба да им простиш, природно повеќе мирисаат“... Нема изговор кој е прифатлив.

Посебна категорија се пушачите кои онака зачадени и со мирис на пепељара доаѓаат да танцуваат.

5. Прифати ги луѓето такви какви што се – Речиси и да не постои танго заедница во која нема да најдете кланови, групи, фракции и други поделби. Луѓето се делат по секакви основи и многу често едни против други кажуваат секакви работи.

Познавам многумина што се откажале затоа што овие поделби им сметале – таквите очекувале од танго заедницата да биде идилично семејство чии членови се сакаат и постојано се дружат. Тоа е илузија. Како и кај секоја група на луѓе, постојат лични нетрпеливости, поранешни врски, идни врски, идеолошки разлики и што уште не.

Моја препорака е да научиш да чуваш извесна дистанца од овие работи и да не ги идеализираш премногу работите. Заведен од слаткото чувство на танцувањето многу е лесно да се занесеш и да претпоставиш дека се луѓето подобри отколку што навистина се. Тангото е таков феномен што им помага на скиените страсти во луѓето да излезат на површина, без разлика дали се тие добри или лоши.

Затоа остани близок со биските луѓе и воспостави фер комуникација со повеќето.

6. Патувај – Не можеш вистински да ја почувствуваш сета раскош на тангото без да патуваш. Ова посебно важи за танго заедници каква што е онаа во Скопје – мали и затворени во себе. Затоа секое искуство надвор, може да ти даде нов поттик и инспирација.

Дополнително, патувањата надвор може да ти помогнат да добиеш нова перспектива, ново сфаќање за тоа што е што во твојата домашна сцена. Танго патувањата не се секогаш многу скапи. Организаторите на разни настани ќе ти помогнат да поминеш што поевтино, а често помош можеш да очекуваш и од пријателите што си ги стекнал на разни настани.

Кои се твоите искуства? Што и како од она што ти си го диживеал/а досега може да им користи на другите?

автор: Ивица Антески